Северна Македонија од Западен Балкан во Југоисточна Европа, како решение на 27-годишниот билатерален спор помеѓу Република Македонија и Грција, со својот ултиматум за уставна промена, промена на преамбулата, промена на членот 49 за македонското национално малцинство и ерга омнес за севкупна употреба како дел од пакетот-решение, претставува триумф на грчката дипломатија и фијаско за македонскиот идентитет, историја и иднина, смета Обединета македонска дијспора (ОМД) со седиште во Вашингтон, САД.

Организацијата вели дека со сериозно отсуство на јавна дебата, нулта вклученост на македонската академска фела и занемарена транспарентност во преговарачкиот процес кој се сведе на самоволие на два политички субјекта, пакет-решението за промена на името на државата е неосновано.

„Политиката на премиерот Заев за валидизација на договорот преку референдумско прашање, е самоубиствена за македонската држава и народ. Воедно, во време кога ЕУ најави крај на ригидноста на носењето на одлуки со едногласен консензус, која што промена во Европската политика е нова шанса за ЕУ-интеграцијата на Република Македонија под нејзиното уставно име, ОМД смета дека избрзаната и аматерска дипломатија на премиерот Заев и министерот за надворешни работи Димитров, е водена од други мотиви, кои не се евро-атлантските интеграции“, се додава во соопштението.

ОМД повикувајќи се на членот 305 од законот за велепреадвство оценува дека „најновата капитулација во најмала мера претставува велепредаство, повреда на националниот углед и чин на исмејување на македонскиот народ“.

„Чинот на демантирање на Крушевската Република и АСНОМ, чинот на бришење на членот 49 од Уставот за заштита на македонското национално малцинство во соседните земји, чинот на информирање на сите членки на Обединетите Нации за промена на уставното име без државен консензус, чинот на прифаќање на грчките максималистички барања, чинот на непочитување на Хашката пресуда како највисок орган на меѓународното право, како и чинот на прифаќање на договор во кој нема никаква правна сигурност за македонските интереси, се типичен пример на велепредаство, срам, и навреда кон Република Македонија. Според тоа, ОМД бара од креаторите на решението најитно прекинување на преговорите, извинување кон македонскиот народ и превземање мерки за враќање на македонското достоинство, углед и благосостојба, меѓудругото, и со распишување на предвремени парламентарни избори“, се истакнува во соопштението.

На крајот, констатира ОМД, она што Македонија го добива „е предуслов за внатрешно државен немир и општо незадоволство“.