Носителот на опозиционата листа „За иднината на Црна Гора“, Здравко Кривокапиќ објави дека опозицијата победила на парламентарните избори во Црна Гора освојувајќи, според него, 42 мандати, наспроти 39 на власта во парламентот кој брои 81 пратеници.

Тој истакнал дека прва цел е да се пружи рака на помирување и најавил донесување закон за слобода на вероисповедта, како и два нови закони – за потекло на имотот и за лустрација.

„Резултатите се такви што 42 пратеници се од опозицијата, а останатите се 39. Тоа се три големи коалиции кои се природни опозиционери и тие ќе сторат се Црна Гора да биде подобра, поквалитетна и да изградиме иднина која ја очекуваат сите граѓани на Црна Гора“ рекол Кривокапиќ обраќајќи им се на медиумите.

„Ги молам сите граѓани на Црна Гора да останат дома и да не наседнуваат на провокации. Да прославиме во своите домови. Ќе има време и за славење, сега победата треба да се прослави дома, а не на улица“, истакнал тој.

Тој рекол дека нема да има реваншизам, но дека сите кои се одогворни за состојбата во Црна Гора ќе мора да сносат одговорност.

Најавувајќи ги трите закони додал дека за Црна Гора, во овој момент, најдобро решение е експертска влада со ограничен рок.