Определен е притвор и за актуелниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов во оставка и неговите двајца претходници Николчо Илијев и Ратко Димитровски кои се осомничени во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 59 лица, дознава Телма. Основниот суд Кочани определи притвор за сите лица за кои обвинителството во рамки на истрагата бараше изрекување на мерката, односно 24 на број. Во четвртокот вечер, Папазов, Илијев и Димитровски беа приведени од полицијата, а за време на нивното владеење дискотеката речиси целото свое постоење работела на диво.

„Осомничените тројца градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до 16.03.2025 година, како и осомничен поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување не ги извршиле своите правни обврски согласно Законот за заштита и спасување, со што овозможиле кабарето „Пулс“ незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност, спротивно на Законот за угостителска дејност и другите пропишани услови согласно закон“, изјави Љупчо Коцевски, државен јавен обвинител, во петокот (21 март) во Кочани.

За целиот тој период, како што информираше Коцевски, Општина Кочани примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект. Согласно член 8 од Законот за угостителска дејност, градоначалникот на општината води евиденција на угостителите кои отпочнуваат со работа на нивното подрачје. Градоначалниците останале неми на фактот дека објектот во кој била сместена „Пулс“ е индустриски, а не угостителски. Само две години „Пулс“ во своето постоење од 13 години имала лиценца за кабаре. Но, прашање е како е издадена, кога објектот не ги исполнувал законските одредби.

„Пулс“ е отворена во 2012 година, кога прв човек на Кочани беше Димитровски. Тогаш општината му препорачала на Државниот пазарен испекторат (ДПИ) да не ѝ издава лиценца за дискотека, бидејќи објектот бил наменет за лесна индустрија. Но, и покрај тоа, „Пулс“ зимата започнала со работа.

Димитровски е градоначалник до 2017 година, кога на функцијата го наследува Илијев. За сето ова време објектот работи на диво. Дури кога актуелниот градоначалник Папазов во 2021 година го презема владеењето со градот, „Пулс“ ја вади првата лиценца.

Таа важи една година. Потоа кабарето повторно ги нема потребните документи. Втората важечка лиценца е во 2023 година која истекла лани. Од тогаш, па се до пожарот на 16 март, кабарето имало фалсификувана лиценца.

Папазов на 17 март поднесе неотповиклива оставка. Вкупно осомничени се 27 лица од кои тројца се во болница и три фирми. Се гонат за тешки дела против општата сигурност, а предвидената казна затвор е од три до 20 години.