Европските народи треба да сфатат дека Европа нема да има слободен живот без својата христијанска култура, порача вчера премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, при одбележувањето на годишнината од унгарската револуција од 1848 години во Будимпешта.

– Доколку не ја заштитиме нашата христијанска култура ќе ја загубиме Европа, таа повеќе нема да им припаѓа на Европејците, истакна Орбан.

Тој, како што објави Јутарњи лист, додаде дека христијанството е подеднакво важно и за слободна Унгарија и предупреди дека „во либералното царство сите ќе ја загубат слободата“.

– Европејците може да бидат среќни само ако можат да одлучуваат за својата судбина и иднината на својата нација, додаде премиерот на Унгарија.

Идеалот на слободата има свои темели „во христијанството бидејќи сите луѓе и нации се еднакви пред Господ“, рече Орбан.

Унгарскиот премиер им изрази добредојде и на гостите на прославата од Полска, истакнувајќи дека „Унгарија не би била слободна без Полска, а Европа не би можела да биде повторно обединета“.

Орбан истакна дека Брисел, кога ја нападнал Полска „ја нападнал целата централна Европа, вклучително и нас Унгарците“.

– Нашата порака на градителите на царството кои сакаат да ја растегнат својата сенка над централна Европа е дека секогаш ќе треба да мислат на унгарско-полските врски, рече Орбан.

Тој додаде дека Будимпешта инсистира на слобода и одбива потчинетост: заедничката заклетва на нацијата значи дека секој Унгарец стои покрај другите Унгарци, а сите Унгарци стојат крај Унгарија.