Унгарскиот премиер Виктор Орбан го повтори својот став дека државите во кои се „мешаат“ европски и неевропски „повеќе не се нации“, пренесуваат агенциите.

Неговиот говор во Романија предизвика огорчување на опозициските партии и европските политичари.

– Ние Унгарците не сме мешана раса и не сакаме да станеме мешана раса, рече Орбан во саботата.

Тој додаде дека земјите во кои се мешаат Европејците со неевропејци „повеќе не се нации“.

Овие ставови на Орбан предизвикаа остри реакции.

Каталин Чех, европратеничка од опозициската партија Моментум, рече дека е „згрозена од говорот на премиерот“.

– Неговите изјави потсетуваат на време кое мислам дека сите би сакале да го заборавиме, рече таа.

Романскиот пратеник Алин Митуша исто така остро одговори.

– Да се зборува за расна или етничка „чистота“, особено во така мешан регион како централна и источна Европа, е лажливо и опасно, напиша тој на Твитер.

Орбан ја критикуваше западната воена поддршка на Украина.

– Колку помодерно оружје НАТО им дава на Украинците, Русите повеќе ќе ја туркаат линијата на фронтот напред. Она што го правиме е продолжување на војната, рече Орбан во говорот во саботата.

Најновиот говор следи два дена откако неговиот министер за надворешни работи Петер Сијарто ненадејно замина во Москва на разговори.

Орбан кажа дека работата на Западот не би требало да биде да се надева на украинска победа, туку да посредува во мировен договор.

– Не треба да бидеме на страната на Русија или на Украина, туку меѓу нив две, кажа тој и додаде дека политиката на воведување санкции на Русија не функционира.