Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска имаше средба со претставниците од Министерството за надворешни работи на Германија, Кристијан Хелбах и Томас Осовски кои се во работна посета на земјава, информира Секретаријатот за европски прашања.

-Од аспект на европските интеграции Германија отсекогаш сме ја сметале за наш стратешки партнер, во чии иницијативи ги наоѓаме мотивацијата и перспективите за нашиот успех, истакнал Османи изразувајќи огромна благодарност за континуираната поддршка од СР Германија за нашите напори во исполнувањето на препораките на ЕУ како и за севкупните активности на Берлин во насока поддршка на политиката на проширување на ЕУ на земјите од Западен Балкан.

Османи се осврнал на динамиката на спроведување на реформите предвидени во План 18, при што посочил на континуитет на реформскиот процес преку конкретен напредок во клучните реформски области – правосудството, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата, кои ќе претставуваат основа за годинашниот извештај на Европската Комисија.

– Во периодот кој ни претстои неопходна ни е поддршка од сите наши пријатели внатре во Унијата за да ја прошириме европската приказна на Балканот, и да го отстраниме  европскиот скептицизам преку конфирмација на одлуката за отпочнување на преговорите со Македонија на јунските самити на ЕУ, истакнал Османи.

Соговорниците се осврнале и на германската финансиската и билатералната развојна поддршка на Македонија, при што изразиле заедничко уверување дека таа ќе продолжи и понатаму со засилен интензитет во сите сфери од заеднички интерес.