Имаме амбициозни програми чија реализација значително ќе влијаат во подобрувањето на стандардот на граѓаните, но ќе имаат и особено значење во приближувањето на институциите, на државата и воопшто на земјата кон стандардите на ЕУ, истакна денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Тој претседаваше со четвртиот Мониторинг комитет за ИПА заедно со Дејвид Кулен од Генералниот директорат за проширување и соседска политика. На средбата присуствуваа и претставници од Европската комисија и Делегацијата на ЕУ во земјава.

Спроведувањето на ИПА во Република Македонија се одвива со добра динамика, што е од особена важност имајќи ја предвид чувствителноста на периодот за нашите европски интеграции. Иако се соочуваме со одредени предизвици, веќе ја затворивме програмата ИПА 1 и сега можеме целосно да се посветиме на спроведувањето на ИПА 2.

Во продолжение на состанокот беа разгледани и статусите на имплементација на ИПА 1 и 2, како и сите ревизии нарачани од страна на Генералниот директорат, соодветно ажурирани од страна на националните институции. Констатирано е дека програмирањето на ИПА 2 речиси целосно (96 отсто) е завршено, за една петтина од нив или за 23 отсто од програмите има склучени договори, а за одреден дел или за 12 отсто од склучените договори, веќе се извршени и исплати кон изведувачите.

Мониторинг комитетот претставува највисока форма на соработка со службите на Европската унија, чија цел е да се направи преглед на целокупната ефективност, ефикасност, квалитет, кохерентност, координација и усогласеност на спроведувањето на активностите во рамки на ИПА и исполнувањето на нивните цели, како и размена на информации и согласности за активностите кои ќе се преземаат во наредниот период.

Пред почетокот на состанокот на Мониторинг комитетот Османи имаше посебна средба со претставникот од директорат за проширување, Дејвид Кулен, на која разговараа за спроведените реформи во рамките на процесот на европска интеграција на Македонија.