Европскиот совет ноќеска донесе одлука за колективна набавка на гас и други извори на енергија во име на земјите членки на ЕУ со цел да се намали зависноста од гас и нафта од Русија, а земјите од Западен Балкан првпат се вклучени рамноправно во овој нов механизам, информира денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи. 

Според него, тоа значи дека колку што земјава ќе има потреби за гас и нафта Европската комисија ќе набавува во наше име.

-Ако се сеќавате кога ЕК вака набавуваше вакцини за земјите членки, ние не бевме вклучени во таа колективна набавка на вакцини на почетокот. Сега ЕУ се поставува така како што треба и ние сме рамноправно вклучени, така што мислам кај нас тоа ќе влијае во намалената зависност, рече Османи на денешниот редовен брифинг со медиумите.

Исто така, додаде Османи, на ваков начин се добиваме во цена, бидејќи, како што нагласи. кога купувате поголеми количини се разбира и цената е пониска.

Претходно беше соопштено дека Македонија, како и другите земји на Западен Балкан, ќе биде вклучена во Платформата за заедничко купување течен гас (LNG) и хидроген што вчера го договорија ЕУ и Соединетите Американски Држави.

Како што соопшти владината прес-служба, ова е резултат на политиката на солидарност во овие времиња на предизвици во кое заедничката стратегија дава резултати, се вели меѓу другото во заклучоците на Европскиот Совет.

-Благодарение на оваа стратегија за справување со последиците од војната и енергетската криза С. Македонија станува дел од оваа платформа на ЕУ за заедничко купување течен природен гас од САД за да се ослободиме делумно од зависноста од рускиот гас, се вели во соопштението.

Европскиот Совет во Брисел овие заклучоци ги донесе вчера после состанокот на лидерите на ЕУ со претседателот на Соединетите Американски Држави Џо Бајден, каде уште еднаш воената агресија на Русија на Украина е оценета како грубо кршење на меѓународното право која што предизвика огромен број цивилни жртви и масовна хуманитарна бегалска криза.

Меѓу заклучоците за заедничките политики на ЕУ и САД како одговор на оваа неприфатлива воена агресија во Европа, кои се однесуваат на помошта за Украина и за соодветно прифаќање на бегалците и менаџирање на хуманитарната криза, донесени се и повеќе заклучоци кои се однесуваат на справување со последиците од економската криза со посебен акцент на енергенсите.

За таа цел договорени се повеќе политики и мерки кои се однесуваат на обезбедување алтернативни извори на енергенси, пред сѐ на гас од САД и за стабилизирање на глобалниот енергетски пазар додека трае војната во Украина.