Министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, ги брани „Бугарите во Македонија“, но досега ниту еднаш не се огласил ни тој ниту од Владата, за правата на Македонците во Бугарија.

Османи денеска се огласи во врска со реакциите за „правата на бугарската заедница во Македонија“.

-Во јавноста се појавија реакции за односот и правата на бугарската заедница во РС Македонија. Овие реакции прво беа пласирани како мислење и ставови на одредени граѓански асоцијации, а потоа посочени како проблем и од одредени официјални претставници на Република Бугарија, напиша Османи на својот Фејсбук профил.

Натаму тој наведува дека Македонија има исклучително успешен модел на мултиетничко општество, а покрај, вели, колективните права на поголемите заедници, постојат функционални механизми за заштита и на помалите етнички заедници.

-Во ова смисла никој не смее да ги загрозува правата на бугарската заедница во земјава, и нивната посебност, напротив, граѓанските организации треба да бидат охрабрени да соработуваат со властите и да бидат внесени во сите механизми за остварување на своите колективните права. Уште веднаш, претставниците на овие здруженија треба да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа засебна заедница, што би придонело значајно при формирањето на идните политики и на Владата, и на соодветните единици на локалната самоуправа и воопшто на државата, напиша Османи.

Како мешање во внатрешните работи на друга држава вчера го оценија претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев, состанокот, кој бугарскиот претседател Румен Радев го свика со шефовите за безбедносните служби, за како што наведоа од неговиот кабинет, „нарушување на правото на самоопределување на Бугарите во Северна Македонија“.

За состанокот на Радев, вчера се огласи и специјалниот претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски, кој рече дека овој тек на настаните покажува веројатна можност прашањето околу односите меѓу Скопје и Софија да бидат дел од изборната кампања во Бугарија.