Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека претстојниот период треба да се искористи за враќање на довербата во Договорот за пријателство меѓу Македонија и Бугарија, што би овозможило одржување на меѓувладината конференција со ЕУ во декември за време на германското претседателство.

Нерешавањето на ова прашање сега, според него, би оставило далекусежни последици по односите меѓу двете земји и врз можноста тоа да биде решено во иднина.

-Работиме сите со конкретни идеи, со конкретни предлози како да се надминат овие разлики со цел да се усогласи рамката како предуслов за одржување на правта меѓувладина конференција во декември, рече Османи на денешната прес-конференција, не сакајќи да навлегува во деталите за разговорите што се водат бидејќи, како што посочи, се уште се во форма на идеи и предлози за кои се уште нема согласност меѓу страните.

Недовербата, според него, е  резултат или историски рецидив од минатото, а на нејзино отстранување не се работело ниту во последните 30 години на современа политичка реалност.

Прашањата, потенцира, се ставани под тепих и не се направени доволно напори за да се изгради доверба. Недовербата не е само меѓу политичарите, вели, туку и академиците историчарите …, а сето тоа се рефлектира со создавање недоверба и во јавноста. Таквата недоверба се пренесува и врз постигнатиот Договор.

Затоа решението и шансата, нагласува Османи, ја гледа во враќање на довербата во Договорот, тој е платформата и формулата за надминување на разликите.

-Република Бугарија имаше јасен став по однос на идентитетските прашања дека не ги спори и досега не сме имале појасна формулација од Бугарија дека не го спори идентитетот и јазикот на народите и граѓаните кои живеат во РС Македонија. Мислам дека тоа е добра основа да се надогради на тоа целосната доверба меѓу нашите две држави, рече Османи.

Тој потенцира дека доколку не се реши ова прашање сега, тоа како што посочи на прес-конференцијата, може да има катастрофални последици по однос на односите, што далекусежно ќе влијае во можноста за решавање на разликите.

Затоа, рече министерот за надворешни работи, работиме да се искористат претстојните денови да ја вратиме довербата и да го вратиме процесот.