Откако неколку членови и партиски функционери во СДСМ си поднесоа оставки, доцна синоќа својата оставка ја даде и потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска.
По тешкиот пораз на двојните избори, дел од раководството на СДСМ си поднесоа оставки. Први беа потпретседателите Фатмир Битиќи и Перо Костадинов, следна беше Јованка Тренчевска која замина од чело на Форумот на жени на СДСМ, а кон крајот на денот на Фејсбук се огласи и Сања Лукаревска.
-Почитувани граѓани, почитувани мои социјалдемократи,
Изборните резултати ја искушуваат нашата искреност како политичари и искреноста на нашите зборови дека сме ја разбрале вашата порака.
СДСМ секогаш бил достоинствен и заради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и со одговорноста. Јас не сакам да бидам исклучок. Благодарам за укажаната доверба да бидам заменик претседател на СДСМ. И таа должност ја извршував со почит, совесно, одговорно и чесно. Секако, со поддршка од сопартијците и незаменливата потпора од моите родители. Благодарам е најмалку што можам да им речам.
Горда сум што 8 мај беше празничен ден за демократијата. Тоа беше и суштината на борбата на СДСМ за ослободување од „заробената“ држава. Воедно, им благодарам на сите граѓани за секој глас за СДСМ, особено во третата изборна единица. Вредна за внимание е и пораката од оние кои не излегоа на гласање, како и на оние кои гласаа против.
На ред е нашата внатрепартиска средба со вистината. На отчетниот Конгрес на СДСМ неминовна e отворена, искрена и самокритична анализа на нашите погрешни чекори, на лошите кадровски решенија како и за нашата немост за успешните политики кои ги спроведовме во исклучително тешки услови предизвикани од светските кризи.
Го презедовме товарот и на тешките политички одлуки. Но, тоа е СДСМ на кого државата, нејзината стабилност и иднина секогаш му биле пред сė и над сė. Така било. Така мора и да остане.
На Македонија и е потребен СДСМ. Што побргу заедно ја консолидираме партијата толку побргу ќе можеме да кажеме – тука сме. Јас верувам во СДСМ, а уште повеќе во неговата сила да се реформира, да се обедини и да се подготви.
Честитки на победникот и на сите 120 пратеници.
Во искреното соочување со причините за изборниот пораз е нашата прва победа. Тоа е најмалку што им го должиме на сопартијците, на симпатизерите и поддржувачите на СДСМ, но и на демократска Македонија, пишува Лукаревска на Фејсбук.