Отец Ивица ТОДОРОВ

Ние, современите Македонци, често за да се самопофалиме велиме дека сме Библиски народ кој живее на оваа Библиска македонска земја. Наместо само декларативно, гордо, суетливо и површно да ги кажуваме овие зборови треба суштински да се нурнеме во нивната смисла. А во таа смисла, во таа од Бога откриена ВИСТИНА ќе го пронајдеме следното. Ќе пронајдеме дека ако сакаме да се нарекуваме Библиски народ (Црква на живиот Бог, новозаветен народ Божји на овие македонски простори) треба да бидеме:

1. чесни и со мирна совест, а не криминализирани, корумпирани и поткупливи;

2. љубовноискрени, а не полни со завист, гордост, подлост, ситнодушие, омраза и лична егоистична сметка;

3. единствени и обединети со иста визија и вредности на живеење, а не разединети и омеѓени со високите ѕидини на
исплашеното болносуетливо его и патолошки интерес;

4. чисти од злото и утврдени во вистинската од Бога откриена вера и духовна пракса, а не извалкани со празноверие/ суеверие, паганство, бајачки, гатачки, магизам, окултизам, идолопоклонство, суетлива мрзеливост, егоистична простотија и садо – мазохистичка злоба;

5. вистинољубиви, а не свесно да се спротиставуваме на Божјите заповеди и вистини во името на својата страст, површност, лична корист и интерес;

6. човекољубиви патриоти, ДОМОЉУПЦИ и РОДОЉУПЦИ, а не алчнокрадливо настроени егоистични лицемери кои секоја позиција во општеството ја користат за да приграбат нешто што не им припаѓа и сето тоа на штета на својот народ кој секојдневно станува се посиромашен и побезнадежен;

7. добри, одговорни и духовно зрели родители кои ги сведочат и се борат за вистинските семејни вредности и кои не ги убиваат своите деца преку абортус (чедоморство), лошо воспитување и насочување туку сериозно се трудат своите од Бога дарени рожби да ги хранат со искрена љубов, нежност, внимание и со вистинските вредности: вистина, скромност, послушност, одговорност, искреност, чедност, жртвеност, духовност. . .