Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го утврдила првиот случај на родово заснована дискриминација врз работничка од приватниот сектор, поради нејзината намера да забремени преку ин витро оплодување.

Работничката, која две години работела за приватен работодавач, го информирала за својата планирана бременост и побарала боледување за ембриотрансфер. Работодавачот ѝ изрекол отказ без отказен рок додека таа користела годишен одмор, обвинувајќи ја за недоаѓање на работа и поради прекршување на работниот ред и дисциплина.

-КСЗД постапуваше по претставка поднесена од страна на Македонското здружение на млади правници поради сторување на дискриминација по основ на пол, род и личен статус – бременост во областа на работните односи. Во постапката беше утврдено дека работодавачот не ја испочитувал законската процедура за утврдување одговорност. Решението за прекин на работниот однос не било правилно доставено. Работничката била одјавена од социјално и здравствено осигурување. Поради овие постапки, работничката не можела да ја заврши ин витро процедурата со покривање на трошоците страна од Фондот за здравствено осигурување, што резултирало со здравствени и финансиски последици, се вели во соопштението од Македонското здружение на млади правници.

Комисијата заклучила дека отказот е директно поврзан со планираната бременост и го оцени како форма на родово заснована дискриминација и препорачала работодавачот да ги надомести трошоците за процедурата, покриени од приватни средства на работничката.

МЗМП нагласува дека оваа пракса е неприфатлива и претставува грубо кршење на основните човекови права, гарантирани со Уставот на Република Македонија, Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за работните односи.

Овој случај, велат оттаму, е јасен сигнал дека секој обид за дискриминација врз работничките поради нивниот репродуктивен статус ќе биде санкциониран. Македонското здружение на млади правници, додаваат, останува посветена на спречување и заштита од дискриминација, обезбедувајќи еднакви можности за сите граѓани.

фото: архива