Од воведувањето на дополнителните три денари за килограм предадени јаболка, до денеска се откупени вкупно 20.000 тони, соопшти Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Нема информации колку јаболка завршија на депонија или останаа во овоштарниците, бидејќи овоштарите, особено од Ресен, во повеќе наврати се жалеа на катастрофалниот откуп и демонстративно го уништуваа родот.

Интервентната мерка за извоз на јаболка ќе биде активна до 25 декември. Според проценките на МЗШВ, дотогаш би се откупиле и субвенционирале околу 50.000 тони јаболка.

-Владата ја донесе оваа одлука за да им се излезе во пресерет на производителите особено во преспанскиот регион, кои претрпеа големи штети врз производството поради временските непогоди, поради што има оштетување на родот што директно влијае на економската вредност на јаболкото, велат од МЗШВ.

Министерството потсетува дека во годинашната Програма за финансиска поддршка за 20 отсто се зголемени субвенциите за одржување овошни насади.