Поради вчерашниот пад на мрежата на еден од најголемите канадски телекомуникациски оператори, „Роџерс телекомуникации“ (Rogers Telecommunications),  во Канада е блокиран  банкарскиот, транспортниот и владиниот пристап за милиони Канаѓани.

Поради падот на мрежата прекинати се банкарските услуги, нарушени се  транспортните системи, како и речиси сите аспекти од животот, бидејќи е  оневозможен пристапот до интернет и до мобилните и фиксните телефонски врски, не можеше да се добие ниту итна помош преку повици на 911.

„Роџерс телекомуникации“ на Твитер објави дека тимови работат на повторно воспоставување на мрежата, но не наведе временски рок кога ќе биде овозможено целосно функционирање.

Канадското  Министерство за јавна безбедност соопшти дека прекинот на мрежата на „Роџерс комуникации“ не е кибер напад.

Тоа е втор прекин на мрежите на „Роџерс телекомуникации“  во изминатите 15 месеци.

„Роџерс телекомуникации“  има 10 милиони безжични претплатници и 2,25 милиони претплатници на интернет. Компанијата е водечки давател на услуги во Онтарио, најнаселената провинција во Канада и нејзиниот најголем град, Торонто.