Македонската репрезентација во ракомет вечерва загуби од Германија со 34:25, откако пред неколку дена беше поразена од Франција со 10 голови разлика. За разлика од минатиот натпревар, кога барем во првите 15 минути бевме рамноправни, па дури и водевме, вечерва бевме во подредена улога во текот на целиот натпревар против силно мотивираната домашна селекција водена од 13.500 навивачи на трибините. Со овој пораз Македонија и математички остана без шанси за втора фаза, па дуелот со Швајцарците кои ремизираа против Франција правејќи изненадување, ќе биде последен за нас на ова првенство со тоа што Швајцарците ќе имаат силен мотив да играат на победа со што повисока гол разлика.

Вечерва Лазаров во нападот направи неколку измени, на бековските позиции беа Талески, Џонов и Јагуриновски, на линијата од шест метри Пешевски, додека на крилата Атанасијевиќ и Костески. Тоа не помогна, па Германците бргу направија разлика од пет голови – 4-9 – и се чини тоа беше знак дека натреварот веќе е завршен во поглед на крајниот резултат.

На одмор се замина со резултат 18:13 за Германија, а таа разлика практично се дуплираше во второто полувреме, кога Германците и не играа со полна сила. Домашната селекција играше сигурно, а ние одевме од грешка во грешка, предноста на влезот во последните десет минути беше двоцифрени десет разлика (21-31). Ризикот на играта со човек повеќе носеше некои полесни решенија во нападот, дававме голови од шест метри преку Пешевски, а и од крило преку Костески, меѓутоа ниту тоа не беше доволно за да се избегне нов убедлив пораз. На крајот разликата беше високи девет гола.

Иако со лимитирана минутажа, Јури Кнор беше најдобар стрелец на мечот со десет гола. Во македонскиот табор се истакна Ненад Костески со шест, а по четири дадоа Пешевски и Јагуриновски. Голманите не беа на завидно ниво, Томовски собра пет интервенции, додека Митревски кој бранеше само во првиот дел фати две топки.