Во Градот Скопје попладнево сообраќаат само четириесетина автобуси на ЈСП Скопје, но до крајот на денот се очекува нивниот број да се зголеми бидејќи се очекува фирмата „Пуцко Петрол“ да достави нафта до претпријатието. Претпладнево му е продолжен мандатот на в.д. директорот Драги Кушевски, кој ги информирал вработените дека нафта ќе има.
Според информациите на МИА, во претпријатието треба да пристигнат 40 тони нафта кои ќе бидат доволни до божикните празници.
Миќо Стојановски, синдикален претставник на ЈСП – Скопје изјави дека е точно оти синоќа било реагирано и дека биле повлечени одреден број автобуси на градското претријатие за да се заштеди на нафта и утрово да бидат повторно ставени во сообраќај за да ги превезат скопјани до нивните работните места и низ градот.
– Извршивме еден вид притисок и имаме информација дека нафта ќе пристигне за неколку часови, изјави тој за МИА.
Потврди и дека пред околу два часа му бил продолжен мандатот на в. д. директорот Кушевски.
Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, пак, за Телма ги негираше проблемите во ЈСП.
-Состојбата е редовна како и деновиве. Нафта има за автобусите на ЈСП согласно договорот кој е склучен за интервентна набавка на еуродизел поради што јавниот превоз функционира редовно и согласно плановите. На директорот Драги Кушевски му е продолжен В.Д. мандатот откако му истече првиот 6-месечен мандат и потпишав решение за ново назначување. Не знам зошто се шират неточни наводи, но можеби некој сака да сокрие нов скандал или непријатни информации, рече Арсовска.
ЈСП склучи договор со „Пуцко петрол“ за интервентна јавна набавка на еуродизел на почетокот на месецов, а тендерот во вредност од околу два милиони евра е со важност од три месеци.
Повторното повлекување на автобусите на ЈСП Скопје во гаражите, според премиерот Христијан Мицкоски, не е поврзано со немање нафта туку проблемот е административен. Апелираше до раководствата на ЈСП и на Град Скопје да ги надминат, како што кажа, меѓусебните насогласувања за да можат скопјани да го користат јавниот превоз.
-Јас тоа го дознав пред неколку минути би рекол дека се случува. Такво барање од Градот Скопје нема. Од тоа кое што можам да го добијам како информација е дека раководството на Јавното сообраќајно претпријатие не доаѓа на работа. Административен е проблемот, не е проблемот дека нема количини на нафта туку дека е административен проблемот. И апелирам и до раководството на ЈСП и до раководството на Градот Скопје да ги надминат меѓусебните несогласувања за да можат скопјани да го користат јавниот превоз, бидејќи овде не станува збор за, колку што јас сум инфомиран, за недостаток на количини на нафта туку едноставно нешто друго е проблемот. Дали не е потпишан договор, дали нешто друго…нека се именува ново лице, или пак нека направат нешто затоа што ова веќе ги поминува сите граници на едно однесување кое не треба вака да се слулува, изјави денеска премиерот Мицкоски на прес-конференција во Владата.
ФОТО: МИА Архива