Специјалниот пратеник на Европската унија за косовско-српскиот дијалог, Мирослав Лајчак смета дека 2021-ва ќе биде „добра година за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан“, додека заменикот помошник државен секретар на САД задолжен за Западен Балкан, Метју Палмер очекува дијалогот меѓу Косово и Србија да заврши со меѓусебно признавање на двете државијави дописникот на МИА од Приштина.

Словачкиот и американскиот дипломат овие изјави ги дадоа на прес-конференција на крајот од официјлниот дел од дводневната посета на Косово, на која го најавија продолжувањето на дјалогот меѓу Приштина и Белград со средба во Брисел, во наредните неколку денови, на косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Во однос на европската перспектива на Западен Балкан, претставникот на ЕУ најави средба на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Унијата на 22 јуни и самит во октомври оваа година.

– Оваа година има потенцијал да биде добра година за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан. Имаше дискусија меѓу 27-те министри за надворешни работи, а ќе има уште една дискусија на 22 јуни. Ќе го имаме и самитот за Западен Балкан во октомври и целата оваа платформа ќе се искористи за утврдување на европската агенда за регионот, вклучително и Косово, изјави Лајчак.

Американскиот пратеник за регионот и за косовско-српскиот дијалог рече дека САД  го поддржуваат дијалогот меѓу Приштина и Белград и очекуваат тој да заврши со меѓусебно признавање на двете држави.

Палмер нагласи дека САД се партнер во процесот и дека „визијата за регионот е да се унапреди дијалогот до постигнување конечно решение“.

– Не зависи од САД да ги идентиикува компромисите, тоа зависи од самите страни. Процесот го води ЕУ и е поддржан од САД. Што се однесува до крајната цел, ние продолжуваме да веруваме дека тоа е меѓусебното признавање, која на крајот ќе го остави ова прашање во минатото и ќе отвори нови патишта, изјави Палмер, нагласувајќи дека Вашингтон го поддржува интегрирањето на земјите од регионот во ЕУ.

Двајцата дипломати ја оценија посетата на Приштина како мошне успешна и нагласија дека таа беше во функција на изготвување на продолжувањето на дијалогот

Лајчак и Палмер вчера допатуваа во дводневна официјална посета на Косово, каде што се сретнаа со претседателката на државата Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти, како и со други владини претставници, со опозициски лидери и со претставници на меѓународната заедница во земјата.