По тридневни тренинзи во Фусисберг, Швајцарија, македонската фудбалска репрезентација од денеска е во Лихтенштајн на завршни подготовки пред утрешниот дуел со истоимената репрезентација во рамки на Лигата на нации. Победа е единствената опција за нашите фудбалери во походот по првото место во групата  4 и пласман во полуфиналето во Лигата Д.

„Поразот во Ерменија беше една лоша вечер за нас, но и за судијата. Но, сега мислеме на Лихтенштајн. Добро се познаваме, често играме против нив во последните години и мислам дека ако одиграме како што знаеме, нема да имаме проблеми. Уште сме први во групата и не знам зошто толку трагично во нашата земја беше сфатен овој пораз. Ова е нашата најквалитетна селекција и тоа ќе го докажеме. Само да влеземе со чисти глави и нема да имаме никакви проблеми. Разликата од 100 места на ФИФА листата со Лихтенштајн не мора ништо да значи. Пред три години бевме многу блиски до нив, па направивме позитивна серија и се искачивме многу повисоко. Најважни се три бода, без разлика со кој резултат, и в понеделник да го прославиме првото место во групата“, изјави капитенот Горан Пандев.

Избраниците на селекторот Игор Ангеловски не смеат да си дозволат кикс и лошо издание како во претходното 4.коло, кога доживеавме дебакл од 4-0 на гости кај Ерменија. Доколку утре освоиме три бода во Вадуц, во Скопје во понеделник ќе ни остане полесниот дел за заверка на првото место против Гибралтар на домашен терен.

Атмосферата секогаш била на највисоко ниво, ќе изберам 11 фудбалери кои треба да ни донесат победа утревечер. Верував во оваа репрезентација кога малкумина веруваа. Но, главното што треба да го направат е утревечер. Не е важно против кого играме, туку за што играме. А, утре играме за голема цел. Сите се добро подготвени, па така и Столе Димитриевски. Јас кажав дека тој е прв голман, тој брани во Примера и воопшто не се сомневам ни во него, ни во останатите. Наша цел беше да дојдеме неколку дена порано и да се аклиматизираме, но и да го избегнеме дополнителниот напор на пристигнување до Скопје, вели селекторот Игор Ангеловски.

За оваа пресметка селекторот нема да може да смета на суспендираните Елиф Елмаз и Езџјан Алиоски, како и на повредениот Стефан Ристовски, кој е еден од најстандардните во нашиот национален тим. Натпреварот се игра утре во Вадуц со почеток во 20.45 минути.