Без разлика на новиот сој омикрон, рестриктивни мерки треба да има, вели микробиологот д-р Никола Пановски за „Дојче веле“, откако вчера министерот за здравство Венко Филипче рече дека, засега нема да се воведуваат нови мерки и рестрикции, зотшо епидемиолошката состојба е стабилна и внимателно ќе се следи новиот сој омикрон.

Омикрон ќе дојде, ама му треба време. За него ќе треба да се обрне внимание пред Нова Година. Но, да не чекаме да се повтори ситуацијата како со Делта сојот. Тогаш сметаа дека нема потреба од контрола на границите за граѓани кои доаѓаат од земји со висока трансмисија на Делта сојот, а кога воведоа мерки – се однесуваа за излегување од земјава, потсетува д-р Пановски.

Според него, најдобро е во овој период училиштата да преминат на онлајн настава, или барем на комбиниран модел „пола – пола“.

Исто така, по 22 или 23 часот не треба да има собирања надвор, а бројката на присутни во угостителски објекти да се редуцира на 30%, смета д-р Пановски.

За вакви мерки веќе се размислува во повеќе земји, со оглед дека престои период на поголема флуктуација на луѓето поради божиќните и новогодишните празници. Во земји со голема дијаспора, како што е и Македонија, уште пред празниците почнува помасовно користење на одмор во татковината од страна на иселениците. Незаобиколив ризик-фактор се и претстојните православни слави, на кои се собираат повеќе луѓе, што и без присуство на омикрон, ја компликува состојбата.