Папата Франциско синоќа ги повика верниците од развиениот свет да живеат поедноставни, помалку материјални животи и го осуди длабокиот јаз меѓу сиромашните и бодатите.

– Да се прашаме: Дали навистина ми требаат сите тие материјални работи и компликувани рецепти за живот? Можам ли да живеам без тоа непотребно изобилство и да имам едноставен живот?, праша папата, кој синоќа ја предводеше службата во базиликата Свети Петар во Ватикан.

Во својата проповед, тој рече дека раѓањето на Исус Христос укажало на новиот начин на живот, „не со алчност и трупање, туку со споделување и давање“.

– Во денешно време, за многу луѓе, смислата на животот е во поседување, во изобилија на материјални работи. Незаситната алчност е карактеристика на целата човекова историја, вклучувајќи ја и денешнината кога, парадоксално, само ретки вечераат обилно, а премногу луѓе немаат ни парче леб за да преживеат, рече папата.

Франциско, прв папа од Латинска Америка, ја одреди борбата против сиромаштијата за проритет на својот понтификат.

Тој денеска ќе го упати традиционалниот Urbi et Orbi, порака до градот (Рим) и светот од централниот балкон на базиликата Свети Петар.