Кривичниот суд во Скопје дeнес изрече затворски казни за двајцата обвинети за насилството во Собранието на 27 април изрече – Цејо Георгиевски е осуден на една година и два месеца, а три години затворска казна доби Стојан Павлевски. Во казната ќе им се пресмета и времето поминато во притвор.

„Јас му го спасив животот на Села, не очекував казна затвор“, рече Стојан Павлевски пред новинарите кога кривичниот суд во Скопје го осуди на три години затвор. Тој најави дека ќе ја обжали пресудата.

Стојан Павлевски прв влегол и се упатил кон пратениците и почнал да ги напаѓа, образложи судијката, според која тоа е причината за повисоката затворска казна што што му е изречена.

– Ако некој си зема право вака да влегува и да се однесува во законодавниот дом, што се случува со другите објекти, што се случува со домовите на граѓаните? За ова мора да се сносат последици – рече судијката при читањето на пресудата.

На двајцата им се судеше за насилство во одвоената постапка за нападот врз пратеникот Зијадин Села во Собранието од 27 април минатата година. Стојан Павлевски и Цејо Георгиевски признаа вина кога обвинителот го преиначи обвинението од обид за убиство на Села во насилство. На снимките ги немало двајцата како го тепаат Села, туку само се гледало дека меѓу првите влегуват во прес-центарот и почнуваат да фрлаат и замавнуваат со предмети врз пратениците.

Постапката за седуммина обвинети за крвавиот напад врз Села во Собранието продолжува на 2 и 5 јули за кога се закажани завршни зборови. За обид за убиство на Села, според новиот обвинителен акт, обвинети се Кире Георгиевски, Оливер Ошавковски, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски и Коста Делов.