Повеќе од една третина од американските католици поради педофилската криза во Католичката црква размислуваат да ја напуштат црквата, што е многу поголем број од тој во текот на последниот скандал, покажува најновото истражување на Галуп.

Според анкетата дури 37 отсто од американските католици одговориле дека не сакаат да бидат дел од Католичката црква, што е драматично повеќе во однос на 2002 година, кога така размислувале 22 проценти.

Истражувањето покажува и дека 46 отсто од католиците кои ретко или никогаш не одат во црква се подготвени во целост да ја напуштат Католичката црква, додека нивниот процент во 2002 година изнесувал 29. Додека 22 отсто од оние кои секоја недела одат на миса се подготвени да ја напуштат црквата, што е за 10 проценти повеќе во однос на 2002 година.

Голем број католици изјавиле дека верувале оти Католичката црква ќе го реши прашањето за сексуалното злоставување од страна на свештениците.

Но, серијата скандали, меѓу кои и извештајот од Пенсилванија, во кој детално се опишува повеќе од половина век сексуално злоставување од страна на свештениците, повторно го зголеми бесот на верниците поради неможноста Католичката црква да ги заштити децата.

Од почетокот на 21 век популацијата која се идентификува како католици постојано е во пад. Во 2000 година како католици се изјасниле 25 отсто, а минатата година 22 проценти.