Пекинг и порача на Велика Британија да не се меша во внатрешните работи на Кина, откако шефот на британската дипломатија Доминик Раб повика на независна истрага за неодамнешните протести во британската поранешна колонија Хонг Конг.

Пред два дена, Раб телефонски разговараше со шефицата на владата на Хонг Конг, Кери Лем, и притоа повика на истрага за протестите.

– Не е во ред британската влада директно да ја повикува шефицата на владата на Хонг Конг за да изврши притисок, рече портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуа Чунјинг.

– Кинеската страна ја повикува Велика Британија да престане да се меша во внатрешните работи на Кина и да престане со запалливи и произволни обвинувања на сметка на Хонг Конг, додаде таа, наведувајќи дека Хонг Конг веќе не е британска колонија и дека Велика Британија немала право да врши надзор.