Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, заедно со другите членови на делегацијата на американскиот Конгрес денеска ќе ја почне посетата на Азија, но се уште не е јасно дали ќе го посетат и Тајван, јави Ен-Би-Си Њуз повикувајќи се на два неименувани извора.

Еден од изворите, кој имал увид во маршрутата, рече дека посетата на Тајван била означена како можна.

За време на престојот во Азија, Пелоси ќе ги посети Јапонија, Јужна Кореја, Малезија и Сингапур.

Кинескиот претседател Си Џинпинг го предупреди американскиот претседател Џо Бајден дека Пекинг е загрижен за можна посета на островот од претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси.

Си изјави дека Вашингтон треба да ја почитува политиката на Кина и посочи дека земјата цврсто се противи на независноста на Тајван и странското мешање.

Бајден рече дека американската политика кон Тајван не е променета и дека Вашингтон силно се противи на едностраните напори за промена на статус кво или за поткопување на мирот и стабилноста преку Тајванскиот теснец, соопшти претходно Белата куќа.