Претседателот Стево Пендаровски денеска му го врачи мандатот на Талат Џафери за состав на преодната Влада која ќе функционира до изборот на новата влада која ќе се формира по парламентарните избори.

По добивањето на мандатот, Џафери вети дека врз основа на законите и Уставот, преговорите за состав на преодната Влада ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата.

Со задоволство и потполна одговорност го примам мандатот од претседателот на државата, со ветување дека совесно и врз основа на законите и Уставот, составот на Владата и преговорите за составот на Владата ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата, рече Џафери.

Тој додаде дека се надева оти ќе креира соодветен состав на Владата со соодветни обврски, надлежности и одговорности кон граѓаните.