Претседателот на државата Стево Пендаровски реагираше на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за неговиот рејтинг, односно дека доколку се кандидира за претседател на куќен совет не може да добие повеќе од два гласа. Пендаровски вели дека Мицкоски е последниот политичар во Македонија кој би требало да зборува за личниот рејтинг.

-Имено и после цели пет години како претседател на ВМРО-ДПМНЕ има двојно помал рејтинг од нивниот поранешен претседател Никола Груевски. Во македонската политичка историја, претседателите на најголемите политички партии секогаш имале двојно повисок личен рејтинг од партиите кои ги воделе. Ова беше случај и со Бранко Црвенковски и со Зоран Заев кај СДСМ, и со Љубчо Георгиевски и Никола Груевски кај ВМРО-ДПМНЕ, наведува Пендаровски во пишаната реакција.

Мицкоски, како што посочува, шефот на државата, е единствениот исклучок затоа што има 50 отсто понизок рејтинг од партијата која ја предводи.

-Впрочем, најпрецизен индикатор за личниот рејтинг на Мицкоски е последната анкета на фондацијата ИРИ, на која претседателот Пендаровски има најголема доверба, а Мицкоски не се наоѓа ниту меѓу првите петмината на листата, се посочува во реакцијата од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

Мицкоски претходно во денешното гостување во радио „Лидер“ зборувајќи за претседателот на државата кажа дека „кога станува за Стево Пендаровски тој и да се кандидира за претседател на куќен совет во зградата каде што живее не може да добие повеќе од два гласа“.

-Мислам дека кога станува збор за Стево Пендаровски сите партии теоретски да се опкружат околу него, да се обединат и да го подржат, прашање е дали ќе го гласаат повеќе од 100.000, сите партии. Мислам дека во зградата каде што живее, ако се пријави за претседател на куќен совет, тешко да добие повеќе од два гласа, истакна Мицкоски.

Тој наведе и дека „во овој момент не треба да се губи време со лик како што е Стево Пендаровски“.

-Јас знам што точно зборува Пендаровски, но повторно ќе кажам дали треба човек да во овој момент да воопшто губи време со лик како што е Стево Пендаровски, додаде Мицкоски.