Кандидатот за претседател од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски вечерва на митинг во Неготино рече дека е направен незапаметен исчекор во изминатите две години. Со де факто зачленувањето во НАТО, како што рече, нашите граници се обезбедени од најмоќните 29 земји на светот и за нив имаме меѓународна гаранција и сигурност.

-Првпат седиме на иста маса со клучните држави кои го обликуваат денешниот свет. Таков исчекор е  незапаметен. Сега треба да продолжиме напред, кон ЕУ, да ги отвориме можностите и да ја обезбедиме иднината. На тие крупни чекори да им дадеме реална вредност на домашен план, во економијата и подобриот живот, порача Пендаровски пред неготинци.

Рече дека е исправена неправда кон лозарите од овој крај – исплатени се пари кон повеќе од 2.000 лозари од Тиквешкиот регион за предадено, а неплатено производство во претходните години. Обезбедени се 424 грантови за младите земјоделци од по 10.000 евра за да почнат сопствен агробизнис. Тоа се позитивни трендови, рече Пендаровски и додаде дека е потребно да продолжи напредокот за тие трендови да се засилат.

-Само доколку продолжиме напред ќе осигураме членство во ЕУ. Тоа ќе ги отвори можностите за пристап до огромните фондови на Унијата за земјоделството и ќе даде шанса за пласманот на нашите производи на пазар од 500 милиони жители. Затоа е важно да продолжиме напред, рече Пендаровски.

Претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата претходно имаше средби со граѓаните на Градско, Росоман и Демир Капија.

Во Кавадарцитој истакна дека не интересира подобар животен стандард и да го сопреме иселувањето на младите кои со години беа просто терани да бегаат од својата земја. Со стапки на развој, како што докажуваат сите земји членки, ќе станеме дел од европското семејство – безбедно, богато и со среќни луѓе кои иднината ја гледаат во своите земји. Брзи решенија на тој пат нема. Но оваа генерација македонски политичари не ви вели дека тоа ќе се реши за година или за две, ви вели дека нема друг пат како што тврди, за жал, се уште главната опозициска партија.

Пендаровски нагалси и дека оваа коалиција заслужува уште една поддршка и уште една голема победа и дека по долги години се решени неколку проблеми со соседите, спорот за името, направена е конечна имплементација на Рамковниот договор. Лани беше година на интеграции, рече тој, оваа и следната се прогласени за економски години – економијата бележи раст, нови економски фондови и можности допрва доаѓаат. Загарантирани ни се границите и безбедноста со НАТО.

Зборувајќи за политиките во земјоделството пред жителите од лозарскиот крај, претседателот на СДСМ Зоран Заев рече дека исплатени се 110 милиони евра заостанати субвенции, и ги спомна долговите од Повардарие и од неколку други визби.

-Сите ги исплативме. Стечајни постапки се отворија. И тие ги исплативме. Овие денови сите земјоделци повратија персонален данок на доход што поднесоа за поврат до еден милион денари што имаат приходи. Секој што во иднина ќе поднесе, има право на поврат на тој персонален данок. Четрстотини дваесет и четири грантови од по десет илјади евра само во областа на земјоделието доделивме оваа последна година. И продолжуваме понатаму… Знам дека не е задоволството комплетно за се, но никогаш досега порано немало вакви политики, рече Заев.

Тој зборуваше за интеграцијата и економските придобивки. Да се оди напред заедно, здружени. сплотени, тогаш има успех. Патот по кој сме тргнале е единствениот, рече Заев, повикувајќи на поддршка за Стево Пендаровски кој ќе биде претседател на сите.

Ги повика и опонентните зашто, рече, оваа е и нивна татковина. – Сите сме должни да мислиме за татковината. Оти сите сме должни да мислиме за децата дома што ги имаме, за домот. Сите да се здружиме оти доста ни беа 27 години тапкање во место и шлапање во кал. За политики, економски прашања, здравствени политики, образовни политики, политики од областа на културата, на социјалната заштита… Можеме да бидеме различни, но за татковината треба да му ја мислиме сите. И да носиме одлуки сите. Затоа што секоја поединечна одлука зависи каква ќе ни биде иднината, наша заедничка, како народ, како нација, како држава, рече Заев и додаде дека ако  целиот свет го поздравува тоа што е сработено, значи дека е избран вистинскиот правец.

Затоа, порача лидерот на СДСМ, треба да се избере Пендаровски. – Ќе  имаме претседател со кој сите ќе се гордееме и сите ќе го доживееме тоа што го посакуваме – добра земја што чекори напред во НАТО, во Европската Унија, со економски стандард, нагласи Заев пред граѓаните на Кавадарци.