Една држава е доволно да каже не и ние наесен да имаме повторно одлложување, вели претседателот Стево Пендаровски.

Но, Пендаровски по смената на власта во Грција не очекува пресврт од грчка страна во однос на Преспанскиот договор и отворањето на преговорите со ЕУ. Сепак, вели, можен е малку поригиден став во однос на имплементацијата на договорот, особено во делот на трговските ознаки на производите од северниот дел на Грција и од Македонија.

-Не очекувам пресврт. Очекувам веројатно малку поригиден став во однос на имплементацијата на договорот. Значи да појаснам или преведам – не очекуваме опструкција од новата грчка Влада, сега во октомври, кога треба наводно да се донесе конечна одлука за отварање на преговорите, за датум на преговорите. Меѓутоа, се разбира дека очекувам поради нивниот познат политички став од претходно, дека наредниве месеци и години, во рамки на преговорите по различни поглавја, ќе бараат стриктна имплементација на некои одредби од Договорот од Преспа, особено во делот на трговските ознаки. Имаме посебна комисија формирано која треба да ги означува сите продукти кои излегуваат од северниот дел на Грција и од С. Македонија и можеби во тој дел ќе бараат поригидна имплементација на договорот, кој е инаку јасен и во тој сегмент, оцени Пендаровски во интервју за Телевизијата N1.

Во врска со процесот на пристапување во ЕУ, тој очекува наесен да ги почнеме пристапните преговори за членство со ЕУ.

-Објективно сите ние во С. Македонија сме малку разочарани од тоа двојно говорење од страна на Европската унија како целина. Минатата година во Софија на Самитот, ние имаме чиста, кристална формулација дека РС Македонија и Албанија ќе почнат преговори, односно ќе добијат датум за преговори во јуни 2019 година. Тоа не се случи. Ние сме уверувани од највисоките германски официјални лица дека тоа е само техничко одлагање на процесот и ние тоа го прифаќаме. Ќе чекаме на септемвриската одлука на германскиот Бундестаг и на октомвриската на целата Европска унија. Меѓутоа, го поставуваме прашањето – што ако во меѓувреме некој друг Парламент исто, од технички причини, го одолговлече процесот, бидејќи таму имате одлучување на принцип на консензус. Една држава е доволно да каже не и ние имаме повторно одлложување, вели претседателот Пендаровски.

Одлука за старт на преговорите со ЕУ наесен без нови одложувања и блокади очекува и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи. Секоја друга опција, според него, ќе се создаде сериозна фрустрација во евроинтегративниот процес и ќе направи пореметување во динамиката на процесот.

За можноста Грција да ја користи ЕУ за да издејствува измени во Преспанскиот договор, Османи вели дека Договорот е меѓудржавен со меѓународна гаранција и тогаш важат други принципи на почитување и примена од која било Влада што ќе дојде во овие држави.

– Можам да се повикам на изјавите на новиот премиер Мицотакис, кој и во текот на кампањата даде изјава со поддршка и на Договорот и на нашето членство во ЕУ и сега со одговорноста што ја носи Владата, таа изјава уште повеќе ќе биде зацврстена, нагласи Османи вчера на средба со новинарите.

Главниот технички преговарач Бојан Маричиќ, за најавите од новата Влада во Атина околу Преспанскиот договор, вели дека се во контекст на некои работи што треба да се дефинираат, а произлегуваат од договорот.

– Беше споменато дека особено ќе се грижат во оваа смисла за интересот на бизнис заедницата и компаниите во Грција, а нам допрва ни следи работа во рамки на оние коимисии за утврдување на потеклото на производите, трговијата. И за трговските марки и за историските прашања во текстот на Договорот од Преспа постојат насоки. Во однос на трговските марки насоката е дека ќе се решаваат според европските правила, а историските прашања според членот 7, каде се дефинира различното поимање на терминот Македонија и на историјата во Грција и кај нас, додаде Маричиќ.

Грчкото МНР, според насоките од премиерот Мицотакис, како еден од итните приоритети го постави “ограничувањето на негативните последици од Договорот од Преспа и европската перспектива на Западен Балкан”. Повеќе детали за тој итен приорит не беа соопштени по првата седница на новата грчка Влада.

Заменикот министер за внатрешни работи надлежен за Македонија и Тракија, Теодорос Караоглу при преземањето на должноста во вторникот кажа дека пристапувањето на Скопје во ЕУ е единствената можност на Атина за промена на Договорот од Преспа.

– Договорот е нешто што, особено нас во Македонија нѐ има повредено многу. Тоа е отворено прашање. Она што го имаме кажано како Нова демократија, а Кирјакос Мицотакис го разјасни, е дека тоа е национално прашање кое што нѐ засега, нѐ интересира и дека ќе го искористиме единственото оружје што го имаме во раце, а ова оружје е интеграцијата на државичката во Европската унија и ветото, за да постигнеме колку можеме повеќе промени во овој национално неприфатлив договор, рече Караоглу.