Претседателот Стево Пендаровски денеска во Прага со највисоки државни и воени почести беше пречекан од претседателот на Чешката Република, Петр Павел, со што почна неговата официјална посета на Чешка.

Пендаровски, како што информираат од неговиот Кабинет, остварил тет-а-тет средба со претседателот Павел, на која биле потврдени пријателските односи меѓу двете држави. Потоа се одржал и состанок на двете делегации.

– На средбата се разговараше за македонските аспирации за членство во Европската Унија, партнерството во НАТО, како и за состојбите во поширокиот регион, во контекст на војната во Украина, се вели во соопштението.

Претседателот Пендаровски, како што најавуваат, ќе оствари средби и со претседателот на Сенатот на Парламентот, Милош Вистрчил, со претседателката на Домот на пратениците на Парламентот, Маркета Пекарова Адамова и со претседателот на Владата, Петр Фиала.