Кандидатот за шеф на државата на владејачките СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски, на 1 ТВ се пожали дека 24 часа бил следен од разунавачка служба, која била блиска до македонската опозиција.

Пендаровски рече дека пред пет години, како што кажа, во време на режим, врз него немало физичко следење, ама му биле прислушувани телефоните во период од четири години.

За снимките што се вртат по социјалните мрежи, вели дека откако било објавено дека е претседателски кандидат, го следи тајна разузнавачка служба за која се сомнева дека е блиска со една партија.

– Тоа се структури врзани со една голема опозициска партија, за која имаше во јавноста извештаи дека на дневна основа прави евиденција каде одите вие, јас… Ова денеска е трета или четврта фотографија во низа во последните 10 дена. Тврдам дека станува збор за 24-часовно физичко следење на мене, веројатно и на членовите на моето семејство. Дел работат во институциите, дел ги знам по име и по лик. Тоа го прават подолго време кон своите политички опоненти, вели Пендаровски.

Тој додава дека со тоа треба да се справат институциите. Ова е, додаде Пендаровски, само сигнал, насоката во која ќе се движи кампањата за претседател.

– Ќе биде уште повалкана. Мене не ми се блиски подземни кампањи, јас ќе одговорам со аргументи и јавно. Остатоците од режимот не смеат да бидат толерирани, тоа е работа на институциите од оваа власт – вели Пендаровски.

Малку е парадоксално за следење да се жали кандидат кој е дел од актуелната власт, која ги има сите владејачки лостови. Кога би бил претставник на опозицијата е разбирливо. Но, да се жали претставник на владејачката партија, која ги има сите служби во свои раце, најмалку, чудно е.