Задоволство од одличната соработка меѓу Македонија и Израел на билатерален и мултилатерален план изразиле на денешната средба во Ерусалим претседателите на двете земји Стево Пендаровски и Реувен Ривлин. Притоа размениле информации и мислења за состојбите на Балканот и за блискоисточниот регион.

Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, заблагодарувајќи се за поканата да учествува на лидерскиот форум, истакнал дека Македонија покрај укажаната чест има и обврска на највисоко ниво да биде присутна во Израел, на Форумот по повод Меѓународниот ден за сеќавање на Холокаустот 27 јануари и 75-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор на смртта Аушвиц-Биркенау.

Пендаровски нагласил дека двете држави ја споделуваат трагедијата на Холокаустот во кој беа убиени илјадници Евреи од нашата држава, што претставува ненадоместлива загуба за нас. Претседателот ја посочил улогата на еврејската заедница во Македонија изразувајќи уверување дека таа и натаму ќе продолжи да го дава својот активен придонес за севкупниот развој на државата, како и во негувањето на добрите односи меѓу двете земји.

Како што е наведено во соопштението, Пендаровски информирал дека од декември 2019 година Македонија е асоцијативна членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот и ќе се заложи да стане полноправна членка во 2021 година.

Тој се заблагодарил за поддршката што Државата Израел ја дава на Македонија во изминатиот период, од стекнувањето на нашата независност, додавајќи дека постојат можности за интензивирање на економската соработка.

Претседателот Пендаровски, денеска и утре во Ерусалим, Израел учествува на лидерски форум по повод Меѓународниот ден за сеќавање на Холокаустот 27 јануари и 75-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор на смртта Аушвиц-Биркенау.