Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, денеска најави построги контроли на боледувањата нагласувајќи дека до Управниот одбор ќе биде предложена предлог-измена на Правилникот за боледување, со цел да се осигура дека средствата што ги исплаќаат стигнуваат до оние на кои им се најпотребни, како и за да се зајакнат механизмите што ќе овозможат превенција на потенцијална злоупотреба на боледувањата.
– Не сакаме да направиме систем кој е построг, туку сакаме да направиме систем што е правичен – рече Перински.
Според податоците што ги изнесе, само во текот на август Фондот исплатил над 623 милиони денари за боледувања, од кои 414 милиони денари се издвоени за породилни отсуства, а преостанатиот дел за други боледувања.
- За мене и за вработените во Фондот ова не се само ставки во рамките на буџетот, туку обврски што ние како Фонд сме должни да ги испорачаме кон оние што имаат потреба. Но, истовремено мораме да бидеме и одговорни кон системот со кој управуваме. Кога ќе кажеме бројка од 623 милиони денари исплатени само по основ на боледување, јасно е дека мора да имаме јасно воспоставени правила и механизми во делот на контролата – истакна тој.
Една од клучните измени што ќе се бараат од Управниот одбор е намалување на деновите за боледување што може да ги издаде матичниот лекар – од сегашните седум на пет дена.
- Сметаме дека и пет дена во иднина ќе бидат доволни за дообезбедување дополнителна анамнеза или за продолжување на боледувањето. Се олеснува постапката за издавање боледување за оние лица што не се во можност да дојдат со физичко присуство да го обезбедат боледувањето. Во делот на контролата воспоставуваме механизми за заедничка контрола со другите чинители во рамките на системот, како Управата за јавни приходи, како Министерството за внатрешни работи, сè со цел да можеме посоодветно вработените во рамките на секторот контрола да ги извршуваат своите контроли – појасни Перински.
Тој додаде дека контроли ќе се вршат по пријава на работодавачите, но и по случаен избор. Доколку контролорот не го најде осигуреникот дома, ќе биде оставен документ со кој лицето се упатува да се јави пред лекарска комисија и да даде образложение, а за тоа ќе биде известен и работодавачот.
Перински информира дека во изминатиот период се утврдени неправилности кај речиси 30 проценти од истражуваниот примерок со земени боледувања во МВР, при што се изречени глоби, а при крај е и анализата за боледувањата во Министерството за одбрана. Тој посочи дека злоупотреби сè почесто се евидентираат и во приватниот сектор.
- Повторно ќе кажам, темата боледување и породилни отсуства секогаш е сензитивна во јавноста и нам идејата не ни е да ги спречиме правата на боледување, туку да спречиме злоупотреба во рамките на искористување на боледувањето поради тоа што Фондот за здравствено осигурување за 2026 година во рамките на својот буџет има предвидено 6 милијарди 454 милиони денари средства, што се наменети за боледувања и породилни отсуства. Тоа е значителна сума и во таа насока мораме да го затегнеме системот на контрола – порача тој.
Перински истакна дека во однос на биолошки потпомогнатото оплодување мерката за овозможување до шест ин витро обиди веќе дава резултати. Од над 1.880 обиди, 237 се однесуваат на четврти, петти или шести обид.
- Во моментот анализираме градација на финансискиот пакет којшто го даваме за еден обид. Медицински тимови работат на утврдување на поиндивидуализиран пристап во делот на издавање на ваучерот за биолошки потпомогнато оплодување во делот на првиот, вториот или третиот обид, сè со цел да го зголемиме процентот на можност во првите обиди да имаме позитивен исход од целата процедура. Ова се планови коишто планираме да ги ефектуираме од 2027 година, но за да бидеме сигурни дека ќе имаме и финансиска конструкција, а секако и медицински да имаме поддршка за ова, сепак, ќе ни треба уште некој период да го доработиме – истакна Перински.
Како дополнителна олеснувачка новина за пациентите, Фондот ќе предложи промена на важењето на рецептите издадени од дежурните служби. Наместо досегашното правило рецептот да се реализира истиот ден до полноќ, ќе се бара рокот да се продолжи на 24 часа.
Фото: Принтскрин




