Во близина на јужниот ирански остров Киш денеска се регистрирани три земјотреси кои го потресоа Дубаи и други делови од Персискиот залив.

Американскиот геолошки институт соопшти дека имало два земјотреси со јачина од 4,7 степени според Рихтеровата скала, по што следел земјотрес со јачина од 5,3 степени кај островот во близина на стратешкиот Ормускиот теснец.

Иранската државна телевизија соопшти дека властите испратиле спасувачки тимови во град во провинцијата Хормозган, на околу 1.080 километри јужно од Техеран, иако првично нема информации за жртви.

Иран се наоѓа на големи сеизмички раседи и регистрира просечно по еден земјотрес дневно. Во 2003 година, земјотрес со јачина од 6,6 степени според Рихтеровата скала го урна историскиот град Бам, при што загинаа 26.000 луѓе. Во земјотресот со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала што го погоди западен Иран во 2017 година загинаа повеќе од 600 луѓе, а повеќе од 9.000 беа повредени.