Претседателите на Русија и на САД, Владимир Путин и Доналд Трамп на 11 ноември ќе одржат краток состанок на маргините на свеченоста во Париз по повод 100-годишнината од примирјето со кое е завршена Првата светска војна, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој додаде дека промената на форматот на состанокот не е поврзана со какви било несогласувања или други проблеми во билатералните односи.

– Во овој случај причина не се несогласувањата, туку тоа е поради форматот на мултилатераните настани посветени на 100- годишнината од крајот на Првата светска војна. Тој формат не дозволува двајца претседатели да се сретнат во целосен формат. Поради тоа е одлучено да имаат кратка средба и да се договорат кога ќе одржат комплетен состанок, рече Песков.

Трамп претходно изјави дека „најверојатно нема“ да се сретне со рускиот претседател Путин на маргините на одбележувањето на 100-годишнината од крајот на Првата светска војна во Париз. Тој рече дека со Путин ќе се сретне на Самитот на Г-20 во Аргентина, што ќе се одржи од 30 ноември до 1 декември.

– Ќе се сретнеме на Г-20 и најверојатно ќе имаме состанок по тоа. Не сум сигурен дека ќе имаме средба во Париз. Најверојатно не, изјави Трамп во американската воена база Ендрјуз.

Трамп и Путин последен пат се сретнаа на 16 јули во финскиот главен град Хелсинки.