Премиерот на Бугарија Кирил Петков денеска во интервју за бугарсата државна БТВ зборуваше за различни теми, меѓу кои и за односите со Македонија.

Петков истакна дека има многу луѓе кои се обидуваат да ги разнишаат добрите односи меѓу Бугарија и Македонија.

– Има многу луѓе кои се обидуваат да ги разнишаат добрите односи меѓу Бугарија и С. Македонија. Нашата влада нема да подлегне на вакви лесни провокации, кои се обидуваат да се случат од двете страни. Имаме една заедничка цел – С. Македонија да биде европска земја, добар сосед. Заедно можеме да создадеме економски раст и сите овие националистички повици и провокации само треба да ги игнорираме за да одиме напред, рече Петков.

Според него, гаранцијата за правата на „Бугарите во РСМ“ може да се обезбеди и преку европскиот процес.

– Во реалноста, ако ги ставиме во Европскиот договор за РСМ, не само што Бугарија повеќе нема да ги брани овие права, туку договорот со Европската унија ќе ја даде оваа гаранција за овие права. Значи, укинувањето на ветото, како што сите велат – дали да се укине или не – е погрешен начин на размислување. Овде мора да кажеме – PCM ќе биде во Европската Унија најрано за 10 години. Има многу поглавја на нејзиниот пат кон Европа. Треба само да си поставиме услови – на пример, за Уставот пред првото поглавје. На овој начин, со укинувањето на ветото, ѝ отстапуваме место на С. Македонија. Но, во овие посебни поглавја можеме да ги ставиме сите услови кои ни се неопходни и така нема да го решиме проблемот, кој моментално постои една или две недели, а ние ќе имаме 10 години да работиме заедно за да може РСМ навистина да биде европска земја и сите права на Бугарите таму се целосно заштитени. Значи, пристапот треба да биде попаметен“, рече тој.

Тој додаде дека секое движење во однос на Македонија ќе оди преку парламентот, така што тешко дека може да има таен договор меѓу владите.

– Ќе имаме отворен дијалог, ќе одиме низ парламентот, за да можеме да напредуваме во оваа стратегија заедно како Еве, дури очекувам поддршка не само од коалицијата, туку и од опозицијата, бидејќи ова е национално прашање, додаде Петков.