Општина Битола на јавноста ги претстави реализираните активности во проектот гасификација и инфраструктура, што според градоначалничката Наташа Петровска овозможува напролет да се изведе основниот проект и да се издаде градежна дозвола.
Првите гасоводни цевки ќе бидат во функција на индустриските објекти во источниот дел на градот, посочи Петровска.
-Станува збор за индустриските објекти Битолска млекарница, Цермат, но и општинскиот објект на Средното земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“, како и други институции. Динамиката на проектот ја синхронизираме со активностите на македонската Влада и уверени сме дека нашиот општински концепт обезбедува солидна основа за гасификација на Битола. Првите количини гас ќе се користат наесен, истакна Петровска.
За битолскиот гасовод во оваа фаза ќе бидат вложени околу 500.000 евра, а со завршување на јавните набавки, ќе почне инсталирањето затоа што примарната гасоводна мрежа веќе е пред Битола, беше соопштено на денешната јавна презентација во овој град.