Украина испрати ново барање до нашата земја за дополнителна воена помош, изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Таа рече дека новото барање од Украина е класифицирано и дека во моментов го разгледува Генералштабот.

– Минатата недела пристигнато е ново барање, се разбира тоа е класифицирано од украинската страна, се разгледува во Генералштабот на армијата дали можеме и во која мера да одговориме. Ако добиеме позитивно мислење, се разбира соодветно ќе ја известиме јавноста доколку Владата донесе дополнителна одлука, изјави Петровска.

Таа денеска зборуваше по завршувањето на брифингот по повод отпочнување на активностите на мултинационалната вежба „Брз одговор 23“.

Македонија претходно веќе ѝ донираше воена помош на Укриана. Според податоците на Министерството за одбрана, целото донирано вооружување за одбрана на Украина од руската агресија чини меѓу 24 и 30 милиони евра.

Македонија ѝ донираше на Укриана 12 хеликоптери Ми-24, кои со години не беа во функција. Исто така, земјава на Украина ѝ донираше тенкови Т-72 и воени авиони Су-25.