Од касарната Илинден во Скопје, утрово им посакав успешна мисија на нашите припадници во НАТО – борбените групи во Романија и во Бугарија каде ќе покажат дека ние можеме да функционираме како еден систем, можеме да работиме заедно како една сила, сила за мир, објави министерката за одбрана Славјанка Петровска.

– Вие сте НАТО и вие сте браникот на современите, цивилизациски вредности. Вие сте составен дел од колективната одбрана која овозможува да живееме во мир, безбедност и стабилност. Бидете сигурни дека сте повеќе од достојни да бидете рамо до рамо со вашите сојузници зашто вашиот професионализам е видлив, а вашата мотивација висока. Вие сте еднакви меѓу еднаквите и тоа нека биде уште еден мотив да покажете дека С. Македонија има професионални војници, подофицери и офицери кои се составен и активен дел од нашиот безбедносен чадор – колективната одбрана, објави Петровска на својот официјален профил на Фејсбук.

Завршете ја вашата мисија, додава Петровска, помогнете во колективните напори за зацврстување на безбедноста и стабилноста на НАТО и вратете се дома кај своите семејства.

– Ве очекуваме по вашата ротација со уште поголемо искуство, и со уште посилен мотив да продолжите секојдневно да работите за просперитетот на својата нација, наведува Петровска.