Додека Бугарија секојдневно испраќа пораки со кои се негираат македонскиот јазик, историја и идентитет, Венко Филипче не гледа никаков проблем. Наместо да застане во одбрана на македонските национални позиции, тој ја убедува јавноста дека нема причина за загриженост, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче не преговара, не бара гаранции и не поставува црвени линии. Напротив, тој уште пред да добие каква било одговорност од граѓаните испраќа порака дека е подготвен да ги прифати условите кои Македонија со години ги одбива како неправедни и понижувачки.
Тоа е однапред прифатен пораз.
Истата политика ја водеше и Зоран Заев. Прво ги убедуваше граѓаните дека нема опасност, а потоа следуваа отстапките. Денес Филипче ја повторува истата матрица, прво ги релативизира бугарските барања, а потоа ќе бара оправдување за нивно прифаќање“, потенцира во изјавата Петрушевски.
„Затоа Филипче е политичко продолжение на Заев, кој е подготвен да оди и чекор подалеку доколку тоа му отвори пат до власт.
Македонските граѓани не бараат политичари кои однапред капитулираат и ги прифаќаат туѓите диктати. Бараат политичари кои ќе знаат да ги бранат државните и националните интереси.
ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи враќање на политиките на попуштање, понижување и национални отстапки. Македонскиот идентитет, јазик, историја и култура не се предмет на преговори и политичко пазарење“, додаде Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.




