Ние претходно не сме имале закон, иако правичната застапеност била и е уставна норма во Република Македонија. Сепак таа не била законски уредена, туку постоеше една алатка која се нарекуваше балансер, која што Уставниот суд ја укина, а користеше исклучиво како еден партиски плен на ДУИ, користејќи го балансерот да вработува партиски војници на ДУИ и апсолутно не е правше ништо во делот на намената за која беше носена таа алатка, рече Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, во емисијата „За или против“.
Тој рече дека новиот Закон за правична застапеност ќе биде донесен преку јавна и транспарентна постапка. Според него, балансерот е застарена алатка која не ги дала очекуваните резултати, што било констатирано од Уставниот суд, меѓународни институции и од ДУИ во 2023 година. Тој додаде дека балансерот бил користен првенствено за партиски вработувања.
-Тоа е увидено не само од Уставниот суд, туку и од релевантни извештаи од меѓународни институции дека алатката е со изминат рок, неактуелна. Истото такво нешто, за волја на вистината го констатирала и ДУИ како дел од владата во 2023 година, дека алатката балансер не ги носела резултатите кои што треба да ги носи, а како што реков била користена само за вработување од страна на ДУИ. Последен период дојдовме во државата во ситуација, во која што ќе носиме едно модерно, европско решение, во делот на правилната застапеност. Добивме согласност и позитивен извештај од страна на Венецијанската комисија, која што е институција со врвни експерти од уставно законодавно право, што му дава силен легитимитет на овој Закон, истакна Петрушевски.
Тој истакна дека она што ќе претставува разлика во однос на досегашната пракса е воведувањето на мерит-системот, односно принципот на меритократија. Според него, наместо вработувањата да се вршат по партиска линија и со повикување на балансерот, приоритет ќе имаат стручноста, компетентноста и заслугите на кандидатите.
-Ќе имаме еден систем, во којшто компетенциите, стручноста, образованието ќе добијат своја примарна улога, а нормално ќе се води еден соодветен ред во институците. Но прво нешто, кое што ќе биде најбитно согласно овој закон е мерит системот, заврши Петрушевски.




