Германските транспортни компании упатија отворено писмо до сојузниот канцелар, Фридрих Мерц, поради наглиот раст на цените на дизел-горивото, предупредувајќи дека зголемените трошоци сериозно го оптоваруваат транспортниот и логистичкиот сектор.
Сојузното здружение за патен транспорт, логистика и рециклирање (БГЛ) завчера соопшти дека малите и средните транспортни компании поради традиционално ниските профитни маржи, сè потешко можат долгорочно да го поднесат растот на трошоците.
Здружението наведе дека за зачувување на снабдувањето и конкурентноста на германската економија се потребни конкретни политички услови со кои би се ублажил растот на трошоците.
Според пресметките на БГЛ, кај возен парк од 50 камиони зголемувањето на цената на горивото многу брзо доведува до дополнителни годишни трошоци што достигнуваат седумцифрен износ.
Здружението ја повика германската Влада да се насочи кон мерки што директно би го намалиле финансискиот товар врз транспортните компании.




