Собранискиот спикер Талат Џафери и пратениците да го повлечат дневниот ред на утршената седница во Парламентот на кој треба да се најдат девет предлог-измени на закони поврзани со Коридорите 8 и 10д кои ќе се носат по скратена постапка, бараат од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, која брои 18 членки, известува Канал 5. Од таму велат дека ниту пратениците, ниту на граѓаните и на стручната јавност им е оставено доволно време за да проценат во колкав обем се зголемуваат ризиците од корупција со предложените измени.

„ Измените се за начинот на кој граѓаните ги стекнуваат и уживаат своите права, работничките, сопственост, механзмите за заштита на животната средина, културното наследство, фискалните импликации и ослободувања. Потребно е повеќе време и сеопфатна расправа за да се утврди на кој начин треба да се забрзаат овие постапки заради тоа што од она накусо што може да се види од предложените измени не се забрзуваат само роковите туку има и измена на постапките.“

На утрешната собраниска седница која е закажана за во 11 часот треба да се расправаат предлог измените на законите за земјоделски земјиште, експропријација, заштита на културно наследство, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, шумите, градење, како и за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на Коридорите 9 и 10д. Тие се предложени од пратеници од мнозинството.

За предложените законски измени вчера реагираа од Македонското археолошко друштво, од каде предупредија на бескрполозно легално уништување на културното наследство и најавија протест пред Собранието.