Националниот совет им наложи на раководството на БСП и на контактната група да продолжат со преговорите со партиите на Слави Трифонов „Има таков народ“, Маја Манолова „Исправи се! Доаѓаме“и „Демократска Бугарија“ на Христо Иванов. Одлуката е донесена со 120 гласа „за“ и само еден против, јави дописникот на МИА од Софија.

Лидерот на Бугарската социјалистичка партија Корнелија Нинова истакна дека пред преговарачите има пет приоритети – социјална политика, борба против нееднаквостите, повторна пресметка на пензиите, здравствена реформа и пристап до неа и борба против корупцијата придружена со реформа на судството.

БСП јасно стави до знаење дека ќе ја поддржи владата на „Има таков народ“ со гласови во Националното собрание откако ќе ги види нивните кандидати министри.

Средбата се одржа наспроти протестите пред зградата со кои се бара оставка од Нинова и промена на раководството на Бугарската социјалистичка партија. Причината за протестот се слабите резултати на парламентарните избори во Бугарија на 4 април и 11 јули.

Демонстрантите побараа свикување вонреден конгрес, на кој БСП ќе одлучи по кој пат да оди, дали на патот на поделба во партијата или да ги замени Корнелија Нинова и раководството на партијата. Нинова го прокоментира протестот пред седиштето на партијата, велејќи дека овие луѓе не претставуваат никого освен себе.