Приведен е возачот на косовскиот автобус во кој утрово на автопатот кај Славонски Брод загинаа 10 патници, косовски државјани. Автобусот со 67 патници излетал од патот. На момент заспав, им изјавил на полицијата возачот.

Во трагичната сообраќајна несреќа повредени биле 45 патници, од кои осуммина потешко. Автобусот е на компанијата Дева турс, а сообраќал на линијата Франкфурт-Приштина.

„Возачот е приведен под сомневање дека непрописко управувал со автобусот и излетал од коловозот. Изјави дека за момент заспал, но сите околности дополнително ќе ги утврдуваме“, велат официјални лица на хрватската полиција.

Првата официјална информација беше дека загинале тројца патници и дека автобусот бил со македонски регистарски таблички.

Во меѓувреме, Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово потврди дека во сообраќајната несреќа на косовскиот автобус кај Славонски Брод во Хрватска животот го загубиле десет лица, а 44 добиле лекарска помош во тамошната болница, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според податоците добиени до пладне од хрватските надлежни органи, косовското МНР информира дека 15 од повредените се здобиле со потешки повреди и некои од нив се во критична состојба.

Изразувајќи им сочувство на семејствата на загинатите, властите во Приштина порачаа дека ќе им ја пружат сета потребна помош на повредените и ќе им излезат во пресрет на нините семејства за сите потребни процедури.

Медиумите во Приштина ја пренесуваат изјавата на косовскиот амбасадор во Хрватска Гзим Касаполи, дека сите патници во автобусот кој сообраќал на релацијата Франкфурт – Приштина биле Косовари на печалба во Германија кои се упатиле на годишен одмор во Косово.

Автобусот со косовски регистарски таблички утрово околу шест часот излетал од патот и се превртел во близина на Славонски Брод, при што, според досегашниот биланс,  загинаа девет патници и еден од двајцата возачи.