Наводниот организатор на нападот на САД на 11 септември 2001 г. Халид Шеик Мохамед и уште четворица други од затворот во Гвантанамо конечно ќе бидат изведени пред суд во 2021 година, речиси две децении по разорниот напад на Ал Каеда.

Воениот судија од базата на американската морнарица во Гвантанамо го одреди почетокот на судењето на 11 јануари 2021 година.

Овој датум го запишал судијата Шејн Коен во распоредот за работа во рамки на подготовките за судење, пренесува АФП.

За делата кои се товарат обвинетите може да биде изречена и смртна казна.

Овие петмина мажи ќе бидат првите на кои ќе им се суди пред воена комисија основана за лица уапсени во рамките на „борбата против тероризмот“, кои потоа се испратени во затворот Гвантанамо.

Во нападите со грабнати авиони на 11 септември 2001 година се убиени 2.976 луѓе во Њујорк, Вашингтон и Пенсилванија.

Споменатиот Мохамед, Валид бин Аташ, Рамзи Биналшиб. Али Абд ел Азиз и Мустафа ел Хавсави се обвинети за планирање и учество во заверата која ја подготвил лидерот на Ал Каеда Осама бин Ладен за грабнувањето на четири авиони и нивно соборување врз зградите на Светскиот трговски центар во Њујорк и Пентагон во Вашингтон.

Тие петмина формално се обвинети во 2012 година за завера, напад на цивили, убиство спротивно на военото право, грабнување и тероризам.

Мохамед, Пакистанец за кого се верува дека има околу 54 години, е клучна фигура на ова судење. Тој се обвинет како главен организатор на нападот на 11 септември 2001 година. Уапсен е во Пакистан во 2003 година.