Локализиран е пожарот, кој избувна пред неколку часа на велешко езеро и ја пеплоса боровата шума. Четири лица се приведени во полициската станица во Велес со сомнеж дека го предизвикале пожарот откако со брусалица работеле во блзина на боровата шума, на крстосницата за Башино село и патот кон езеро Младост, информира порталот од Велес „Дума“.

Изгоре шумскиот насад, нискостеблестите растенија и сувата трева на Младост во денешниот пожар чии пламени јазици , во еден момент, го опколи од горната страна и новоизградениот хотел Глориус. За среќа хотелот не изгоре. Добрата организација на жителите на Отовица, кои со механизација ископаа ров, ги спаси од огнот првите куќи во селото.

Сега не може да се направи точна проценка на површината велат од Дирекцијата за заштита и спасување.Ветерот го насочи огнот и кон врвот на ридот каде се интервенираше со цел да не се дозволи пожарот да се префрли од другата страна каде што се наоѓа автопатот Скопје – Велес и наплатната станица Сопот.

Први во гаснењето на пожарот на велешко езеро се вклучија пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Велес. Тие за кратко време добија помош од шумарските работници на стопанство „Бабуна“ како и од армијата која освен со човечи ресурси се вклучи и со хеликоптер а гаснеа и два авиони на Дирекцијата за заштита и спасување. Стигна помош во возила и во пожарникари и од ТППЕ од Свети Николе, Штип, Кавадарци и Неготино.

Од МВР потврдија дека во полициската станица во Велес се приведени четворицата работници кои го предизвикаа денешниот пожар. Тие веќе дале исказ со кој признале дека го предизвикале, се обиделе да го изгаснат и кога не успеале го пријавиле пожарот во противпожарната единица. За нив полицијата чека мислење на јавен обвинител….