Земјотресот со магнитуда од 5,3 степени што вечерва во 22:43 часот беше почувствуван во земјава, ги вознемири жителите на Битола, Охрид и Кичево кои во голем број ги напуштија своите домови.

Граѓани од трите града велат дека потресот предивикал напукнување на ѕидовите во некои објекти, но информации за посериозни штети засега нема.

Тресењето на станбените објекти проследено со силен звук ги принуди жителите да ги напуштат домовите. Некои се во своите возила на паркинзите, а дел велат дека ноќта ќе ја минат под отворено небо.

По првиот најсилен земјотрес, до полноќ почувствувани се уште неколку послаби..

Четириесет и пет минути по првиот потрес интернетот и мобилните телефони во Битолско не функционираа и беа во прекин.

Како што јави дописничката на МИА од Грција, според Геодинамичкиот инсититут на Националната опсерваторија во Атина, епицентарот на земјотресот бил на грчко-македонската граница, шест километри северозападно од градот Лерин.

За нешто помалку од 40 минути по силниот земјотрес, во поширокиот регион на Лерин беа регистрирани уште седум помали земјотреси, од кои еден од 4,2 степени, еден од 3,9 и два од 3,5 степени, според податоците од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина.

Сеизмошока опсерваторија при ПМФ: Освен вознемиреност кај населението, земјотресите не предизвикаа материјални штети

Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, соопшти дека вечерва регистрира серија земјотреси чии епицентри се наоѓаат на 130 километри јужно од Скопје во соседна Грција во околината на Лерин.

Првиот земјотрес кој се случи во 22 часот и 43 минути беше со Рихтерова магнитуда ML5.6, а беше најсилно почувствуван од населението во југозападниот дел на РС Македонија и тоа со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала. Во централниот дел од земјава беше почувствуван со интензитет од IV степени, а во Скопје и околината со интензитет од III – IV степени.

Вториот почувствуван земјотрес беше во 22 часот и 53 минути со Рихтерова магнитуда ML4.2, а беше почувствуван од населението во југозападниот дел на земјава со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала.

Според досегашните податоци, овие земјотреси освен мала вознемиреност кај населението не предизвикаа материјални штети, велат од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.