Владата во собраниска процедура ги пушти измените на Изборниот законик, со кои предлага Државната изборна комисија да се бира со 61 пратеник, наместо со двотретинско мнозинство, а ВМРО-ДПМНЕ се спротиставува на овој предлог.
Собранискиот спикер Талат Џафери, предлог-законот по скратена постапка со европско знаменце го стави на дневен ред на денешната 53. пленарна седница. Во Предлог-законот кој е достапен на веб-страницата на македонското Собрание се наведува дека целта на измените е да се разреши проблемот што се појави со блокирање на процесот на избор на ДИК.
Владата како предлагач, во образложението посочува дека двотретинското мнозинство за избор на членови во Државната изборна комисија според Изборниот законик, и покрај добрата намера при неговото креирање, не смее да се претвори во своја спротивност, овозможувајќи и на парламентарната опозиција целосно да го блокира процесот на донесување на одлуки, поточно изборот на претседател, потпретседател и членови на Државната изборна комисија.
Само што почна 53. седница на Собранието на Република Македонија објавена беше едночасовна пауза на барање од координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев кој реагираше на дополнувањето на дневниот ред со измени на Изборниот законик.
Данев рече дека веднаш откако еврокомесарот Јоханес Хан излегол од собраниската седница „била подметната измена на Изборниот законик“, што никогаш претходно во државава не се правело без консултација и согласност со опозиицјата.
– Во очи на формирање на ДИК, разгледување на Изборниот законик и на вака закажана седница на Собранието на РМ пред неколку дена, која беше закажана за денеска во 12 часот, во 12:38 доаѓа допис во кој се предлага промена или дополнување на дневниот ред и тоа ниту повеќе ниту помалку со измени на Изборниот закони. Никогаш во РМ не се менувал и не се носел Изборен зкаоник без консултации и поддршка од опозицијата, рече Данев, дополнувајќи дека тоа е жално за демократијата во РМ и за граѓаните кои веруваат во демократија и евроатлантските интеграции на државата.