Поднесена кривична пријава против „Банана филм“ на Милчо Манчевски

/ 16.05.2023

Управниот одбор на Агенцијата за филм на Македонија донесе одлука да поднесе кривична пријава  против продукцијата „Банана Филм“ – Скопје на Милчо Манчевски. Оваа одлука се донесе поради постоење сомневање за сторено кривично дело – поднесена официјална изјава со невистинита содржина, а се темели на докази поврзани со фактичката состојба на проектите „Мајки“, „Врба“, „Кајмак“ и „Биста“, соопшти Агенцијата за филм.

Донесено е решение за прекин на постапување и финансирање по проектите „Кајмак“ и „Биста“ на  „Банана филм“ сè до правосилно решавање на кривичната пријава.

Инспекциски надзор на проектите „Мајки“ и „Врба“ извршило Министерството за култура. Инспекторот доставил информација и докази со предлог за проверка и од Управата за финансиска полиција. Според овластениот инспектор на Министерството за култура, утврдено било постоење на недоследности во однос на доставување на финални извештаи за проектот „Мајки“.

„За проектот ‘Мајки’ продукцијата до денес не доставила финален извештај за потрошени  55 милиони денари како и за сите други дополнителни средства потрошени  за реализација на овој проект. Што се однесува до проектот ‘Врба’ во процес е проверка на фактот – пренос на повисоки износи на средства доделени на сметка на правно лице во странство, што припаѓа на сопственикот на продукцијата ‘Банана филм’ – Скопје. Сите иницирани постапки на Агенцијата за филм немаат намера да направат  блокада на работата на кој било автор, вклучително и сопственикот на продукцијата ‘Банана филм’, туку единствена цел е да се утврди дали постоело незаконско работење како и заштита на буџетските средства“, соопшти Агенцијата за филм.

„Банана филм“ е фирма на режисерот Милчо Манчевски.


Од истата категорија